Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home2/totomk/public_html/new.inpress.mk/wp-content/themes/darknews/single.php on line 43
Охрид, 24. март 2023 (ИНПРЕС) – Викендов, поточно утре, ќе се одржи второто издание на турнирот „Охрид Опен 2023“ во олимписко Таеквондо.
Турнирот е во организација на Таеквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид и Македонската Tаеквондо федерација, а ќе се одржи во СРЦ „Билјанини извори“
За организацијата на самиот турнир, учесниците и очекувањата поразговаравме со Елена Симоноска и Стефан Јосифоски од организациониот одбор.
https://youtu.be/dH6jzhaMivk
Супер радио: Викендов ќе се одржи Второто издание на турнирот „Охрид Опен 2023“ во олимписко Таеквондо. Кажете ни детали за овој настан?
Јосифоски: Токму така, викендов во СРЦ „Билјанини извори“ под раководство на Таеквондо клубот „Хваранг Фист“ од Охрид заедно со Македонската Tаеквондо федерација и општина Охрид се организира вториот натпревар во олимписко таеквондо, со олимписки правила. Ќе има три борилишта опремени со фулон електронска опрема што ја набавуваме од соседна Албанија. Има судии од нашата држава, од Македонската Tаеквондо федерација, како и гости од соседна Србија, Албанија. Со борби ќе се започне од 09:00 часот, а свеченото отворање на турнирот ќе биде во 13:00 часот од страна на градоначалникот на Охрид. Досега организацијата тече во најдобар ред, очекуваме дека и овој турнир ќе биде успешен како претходниот што се одржа во 2019 година. Вториот натпревар требаше да се одржи во 2020 година, но поради вонредната ситуација со корона вирусот мораше да се одложи.

Супер радио: Колку натпреварувачи се пријавени, од каде и во кои сé дисциплини ќе се натпреваруваат и дали меѓу нив има потенцијални кандидати за Олимписките игри во Париз?
Симоноска: Бројот на натпреварувачи е околу 200, најголем дел од нив се од Македонија, претежно од Скопје. Исто така имаме натпреварувачи од Србија, Косово, Црна Гора и Албанија. Сите натпреварувачи се поделени во групи според возраст, телесна тежина, што значи дека борбите се сосема безбедни. Како што кажа Стефан имаме електронска опрема што го заштитува буквално секој дел од телото. На овој турнир ќе бидат присутни потенцијалните натпреварувачи на Олимпијадата во Париз во 2024 година, АнаМарија Георгиевска, Филип Додевски и Мила Релиќ.

Супер радио: Најавено е присуство и на олимпискиот медалист Дејан Георгиевски.
Јосифоски: Да, официјално Дејан Георгиевски ќе биде во Охрид. Тој на Олимписките игри во Токио во 2022 година го освои сребрениот медал. Неофицијално се чека потврда за учество на заменик министерот за спорт на Албанија, Ендри Хоџа, како и градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски. Дејан Георгиевски се подготвува за Олимписките игри во Париз во 2024 година и се надеваме да постигне поголем успех од оној во Токио.
Супер радио: Која е разликата меѓу Светска и Интернационална таеквондо федерација?
Симоноска: Главната разлика е тоа што во Светската таеквондо федерација ударите со рака во глава не се дозволени, додека во Интернационалната таквите удари се дозволени. Исто така борбите од Светската таеквондо федерација користат целосна електронска опрема, бидејќи е фул контакт, додека во интернационалното таеквондо главно се заштитени рацете и нозете бидејќи се работи на поен систем.
Супер радио: Неодамна клубот ХВА Ранг Фист учествуваше на 10-тиот Rasmus Sofia Open турнир во Бугарија. Кои се плановите за следниот период?
Јосифоски: Токму така, минатиот викенд бевме на натпревар во Бугарија, се покажавме во најдобро светло, но за жал се вративме без медали. Сепак поважно е искуството отколку медалот што ќе го добиеме. Моментално се подготвуваме за турнирот „Скопје опен“ закажан за 8-ми април, во организација на Македонската Tаеквондо федерација и тоа ќе биде првиот G1 турнир во нашата земја. На тој натпревар се собираат и поени за на Олимпијада. Мислам дека ќе има гости и од други држави и ќе треба да се покажеме и таму во најдобро светло. Исто така во следниот период имаме неколку натпреварувања на Балканот, во соседството, во Црна Гора, Албанија…па подготовките течат за претстојната турнир сезона. (Крај)
извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес
