Скопје/Охрид, 10. мај 2023 (ИНПРЕС) – Агенцијата за вработување ги објави јавните повици од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за оваа година.
Како една од најпривлечните за невработените во изминатите години се покажа мерката самовработување со грант, преку која може да се добие неповратна помош за свој бизнис.
Преку оваа мерка невработените може да да аплицират за грант од 5 до 10 илјади евра
– Сите заинтересирани невработени лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис или да го формализираат веќе постоечкиот бизнис имаат можност да аплицираат за учество во оваа програма со која ќе бидат финансиски поддржани во износ до 307.500 денари. Доколку две невработени лица сакаат се здружат и да започнат сопствен бизнис или да го формализираат веќе постоечкиот бизнис како ДОО – Друштво со ограничена одговорност од две лица, финансиската поддршка изнесува до 615.000 денари, информираат од агенцијата.
Право на аплицирање имаат невработени млади лица до 29 години, невработени лица со попреченост, невработени лица – мажи до 60 години и жени до 58 години, жени-жртви на родово базирано насилство и жртви на семејно насилство, невработени лица кои сакаат да го формализираат својот бизнис-мажи до 60 години и жени до 58 години, невработени лица Роми – мажи до 60 години и жени до 58 години, невработени лица поради корона вирус-мажи до 60 години и жени до 58 години и невработени лица повратници (повратниците од странство припадници од Ромската заедница и други лица во ризик од социјално и економско исклучување кои влегуваат во потенцијални повратници во иднина во општините Шуто Оризари, Штип и Прилеп).
За реализацијата на програмите, мерките и услугите за вработување оваа година се издвоени најмногу финансиски средства во износ од 1.972.045.915 денари, а планирано е да бидат опфатени 18.056 лица.
Аплицирањето трае до 19-ти мај, а заинтересираните треба да се обратат во подрачниот Центар за вработување. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива