Охрид, 26. мај 2023 (ИНПРЕС) – И покрај неизвесноста изминатов период, матурантите утре го полагаат првиот екстерен испит од државната матура, како што и беше планирано.
Првиот испит е македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература.
Од охридската гимназија „Св.Климент Охридски“ го објавија и распоредот за полагање.
Полагањето започнува во 10:00 часот, учениците треба да бидат во училиштето половина час пред испитот и со себе да носат документ за лична идентификација.
Државниот испитен центар кон крајот на минатиот месец започна штрајк со барање за повисоки плати, со што беше доведено во прашање полагањето на испитите од државната матура согласно утврдениот календар. Оттаму бараа од МОН да го измени календарот за полагање, но од ресорниот министер беше потенцирано дека ќе се направат напори роковите да се испочитуваат. Шаќири рече дека ги поддржува барањата, но да се види погоден момент за реализирање целосно на тие барања.
И од Сојузот на средношколци како оправдани ги оценија барањата на вработените во ДИЦ, но и потсетија дека како што правото на штрајк е уставно загарантирано и правото на образование исто е дел од Уставот и државна матура мора да има во предвидениот рок. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива