Охрид, 19. декември 2023 (InPress) – Полни 25 години во старата охридска чаршија успешно работи берберницата „Шогун“ на берберот Неат Алим. Занаетот почнал да го „пече“ уште од 1993 година, за веќе во 1998-та да отвори и свој дуќан.
Тајните на берберскиот занает му ги пренесува и на синот Емин, со кого веќе неколку години спроведуваат хумана акција за бесплатно потстрижување на социјално ранливите категории граѓани. Алим се сеќава на чаршијата некогаш, на занаетите што постоеле, дуќаните што егзистирале, превејќи паралела на животот во градот и работата некогаш и сега.
Супер радио: Веќе четврт век опстојува и успешно работи берберницата „Шогун“. Значаен јубилеј. Збор два за вашите почетоци и осврт на работата некогаш и сега.
Алим: Јас во овој дуќан работам точно 25 години, од 1998 година. Почетоците ми беа кај мајсторот Ведат, занаетот почнав да го учам од 1993 година, кај него бев чирак четири години. Потоа добив покана за војска, а по завршување на воениот рок почнав да работам во овој дуќан. Презадоволен сум од работата низ годините. Порано беше многу подобро, многу подобро се живеело со овој занает, затоа што 90-те години имаше многу повеќе луѓе во Охрид. Ние како бербери работиме со луѓе, меѓутоа последниве 10 години Охрид се преполови, многу од младите си заминаа во странство и градот од година во година има се’ помалку луѓе. Со тоа намалува работата и кај нас.
Супер радио: Кажете ни како се менуваше чаршијата низ годините. Сигурно имало многу повеќе занаетчиски дуќани од сега?
Алим: Јас потекнувам од оваа чаршија, детството ми помина во оваа чаршија. И моите претци биле занаетчии, прадедо ми работел во оваа берберница како ковач, дуќанот опстојувал како ковачница до 1967 година. Како мало дете паметам овде имаше многу занаетчии, имаше ножари, самарџии, кондураџии, опинчари, казанџии, саатчии. Можам да кажам дека први соседи ми беа Љуто ковачот, Узеир ковачот, Климе самарџијата, казанџија беше од Миле Марин татко му, се сеќавам имаше опинчари. За разлика од сега веќе сите тие занаети изумреа, никој не ги наследи занаетчиите, од тие стари занаети останавме само ние берберите, има неколку кондураџии, саатчии, од другите знаети нема, нема калајџии, самарџии, ножари…
Супер радио: Низ годиниве сте учествувале на бројни фестивали на фризура, мода и убавина, а сте освојувале и бројни награди. Какво искуство собравте од ваквите настани?
Алим: За прв пат настапив на таков настан во 2018 година во Охрид се организира Балкански натпревар за мода и фризура, во организација на македонската фризерска асоцијација, со претседателот Димче Иваноски. Учествуваа над 50 луѓе, јас успеав да го освојам петтото место. Следната, 2019 година, исто така имаше еден ваков настан во Скопје и таму имаше над 60 натпреварувачи во категорија машки фризури, невенстински, фантази фризура и шминкање. Таму освоив трето место. Искуството не се опишува, имаш контакт со многу фризери, бербери кои се прваци на Балканот и во Европа, има судии кои те оценуваат во брзина, квалитет, алатот што се користи и си ограничен во точно време да се заврши фризурата.
Супер радио: Фирмите денес се’ потешко може да најдат работници. Вие сте бербер, занаетчија. Колку денес младите се заинтересирани да учат занает, конкретно берберскиот?
Алим: Овде има еден мал проблем. Порано имаше деца кои кога ќе наполнеа 14 години, ќе завршеа основно образование и имаше деца кои сакаат да продолжат средно, а имаше и такви кои немаа желба. Тие деца после завршување на основно училиште одеа да учат занает, како бербери, шминкери, фризери, авто механичари, плочкари… Откако се воведе задолжително средно образование веќе драстично се намали интересот за учење на занает. Конкретно за берберскиот знает веќе имаме недостаток, чираците наоѓаат оправдување дека мора да одат на училиште и немаат време за учење занает. Тоа се пресудни години за учење занает, од 14 до 18 години, во тој период најбрзо се учи занаетот. На поголема возраст веќе се оформени личности и не може толку лесно да го научи занаетот.
Супер радио: Берберскиот занает во семејството Алим има иднина. Вашиот син тргна по вашите стапки.
Алим: Мојот син Емин веќе работи овде речиси 4 години, до овој момент има постигнато доста искуство, му треба уште малку време да го доусоврши занаетот. Годинава е матурант, по матурирањето се потоа дека активно ќе продолжи со овој знает. Јас како родител се трудам да му го пренесам, занаетот најдобро како што можам и да стане еден од подобрите бербери во градот.
Супер радио: Емин ти си новата генерација бербери во берберницата „Шогун“, тргна по стапките на твојот татко. Колку за тебе беше тешко или лесно совладувањето на знаетот?
Емин Алим: Секој почеток е тежок, нормално, додека се навикнеме на работата, но со текот на времето и годините немав некои потешкотии, ми беше сѐ полесно. Дел сум од берберницата веќе 4 години и се надевам дека во иднина ќе продолжам и со уште поголеми успеси.
Супер радио: Колку влијаеш на околината работејќи го ова, дали можеби твои другари носат одлука и тие да се занимаваат со занаетот?
Емин Алим: Имам доста другари и пријатели, покажуваат и тие интерес, имам и другари што работат исто како мене, со некои си разменуваме совети околу работата, кажуваат што како направиле, им кажувам и јас или ќе се организираме ќе одиме на натпревари.
Супер радио: Веќе неколку години заедно со младиот Емин правите еден хуман гест, бесплатно потстрижување на социјално ранливите категории на граѓани.
Алим: Заедно со Емин почнавме да работиме на ова. Пред три години се договоривме еден ден во неделата да одвојуваме од времето да им излеземе во пресрет на таа категорија граѓани кои не се во можност да го платат шишањето. Јас цел живот работам со луѓе, повеќе од 25 години го работам ова и сум имал ситуации кога луѓе ми кажувале дека немаат да одвојат пари за шишање. Па, така решивме барем еднаш во неделата по неколку часа да одвоиме за тие луѓе. Се гледа изразот на лицето на луѓето кога ќе ја добијат таа бесплатна услуга, не веќе се навикнавме на тоа, ги очекуваме. Треба најпрво да земат купонче од Црвен крст, таму да е регистриран како примател на помош, доаѓа овде и го потстрижуваме бесплатно. Добивме и благодарница од Црвен крст Охрид за нашата хумана работа.
Супер радио: Емин, правите одлична хумана мисија. Колку за тебе е тоа сатисфакција, поука за работата во иднина?
Емин Алим: За мене е тоа една голема поука затоа што акцијата ја направивме заедно со мојот татко за да можеме да им помогнеме на социјално ранливите категории да не треба тие да го плаќаат своето потстрижување туку да дојдат кај нас и да ја добијат таа услуга бесплатно.
Супер радио: Охрид како туристички град бележи голема фрекфенција на странски гости. Имаат ли обичај странците да користат берберски услуги додека се одмараат во нашиот прекрасен град?
Алим: Странците кои доаѓаат во Охрид сакаат да дојдат и во берберница. Ние во нашата берберница им нудиме бричење со масажа во што странците уживаат. Во нивната земја е забрането бричењето и за прв пат во животот, кога ќе дојдат на одмор веќе добиваат вакво искуство. Да не се странците многу тешко ќе ја поминеме зимата. Охрид е туристичко место, сите сме зависни од туристите, благодарение до агенциите кои носат гости во Охрид, државата која им дава субвенции на туроператорите. Имаме дел од странците кои во повеќе наврати доаѓаат на бербер, често ни носат или испраќаат и сувенири и веќе стануваме пријатели. (Крај)
извор: InPress фото/видео: InPress