Охрид, 29. април 2024 (ИНПРЕС) – Денеска на плоштадот „Св.Климент Охридски“ беше поставено велигденско украсно јајце со христијанскиот поздрав Христос Воскресе, две дрвени клупи и други реквизити во духот на празникот наменети за најмладите.
Украсите се дело на академскиоит скулптор Зорица Азеска Спасеска, професорка по ликовно образование во ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец.
– Локалната самоуправа, секоја година ќе обезбедува нови реквизити и украси кои ќе го красат градот за време на Велигденските празници. Целта е секој кој ќе се фотографира пред наведените украси со себе да понесе фотографија – спомен на нашиот Ерусалим на Балканот, соопштија од Општина Охрид.
Утре ќе одржи традиционалниот Велигденски базар на плоштадот „Крушевска република“. Покрај продажно-изложбениот дел, во рамки на програмата предвидена е и културно-уметничка програма на која ќе настапат КУД „Ѓердан од бисери“, „КУД „Ѓердан“; КУД „Отекс“,; КУД „Фаланга“ и КУД „Филиграни“.
На базарот ќе земат учество сите заинтересирани фирми, занаетчии, слаткари, пекари, уметници и производители на охридски и македонски традиционални јадења.
Велигденскиот базар и оваа година ќе има хуманитарен карактер и дел од собраните средства од продажба на производите ќе бидат донирани онаму каде што е најпотребно. Исто така, ОО на Црвен крст ќе постави свој штанд, со кутија за донации каде што секој посетител ќе има можност да даде своја донација за помош и поддршка на ранливите категории граѓани. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива