Д-р. Стурлакова Коровешоска: Од почетокот на годинава во Охрид се регистрирани 46 заболени од грип
January 16, 2025

Охрид, 16. јануари 2025 (ИНПРЕС) – Во првите две недели од годинава во Охрид се регистрирани 46 лица заболени од грип.

Специјалист епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска од Центарот за јавно здравје Охрид за Супер радио и InPress вели дека сите евидентирани случаи се во втората недела, а најголем дел од нив се во возрасната група од 15 до 64 години, што било очекувано поради тоа што многу малку се вакцинирани.

– Првата недела од годинава околу празниците немаше регистрирани случаи, а сите 46 се регистрирани во втората недела. Од 46 заболени од грип, 39 се на возраст од 15- 64 години, што е и очекувано што има најмногу заболени бидејќи многу малку се вакцинираат, за разлика од повозрасните. Преостанатите 3 случаи се деца од 0-14 годин и 4 се над 65 години. Моментално циркулира Инфлуенца тип A и Инфлуенца тип B, потенцира д-р Стурлакова Коровешоска.

Нагло намален бројот на заболени од грип во Охрид, нема ниеден случај со голема кашлица

Оваа сезона поголем беше интересот за вакцинација против сезонскиот грип, како од ризичните групи граѓани така и од останатите. Колку за споредба минатата година во овој период во Охрид беа регистрирани 133 заболени од грип, од кои 52 случаи во првата и 81 во втората недела.

На државно ниво, според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во втората недела од годинава, од 6-ти до 12-ти јануари се регистрирани 1.053 случаи на заболени од грип, што е за 3,2 пати повеќе во однос на првата недела. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива