Охрид, 22. мај 2025 (ИНПРЕС) – Секоја година сѐ помал е интересот кај младите да се обучат за спасители на вода и покрај можноста да бидат ангажирани со многу солиден надомест во текот на летната сезона на капалиштата на охридското крајбрежје.
Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, за Супер радио и InPress вели дека периодов интензивно работат со училиштата и факултетите во Охрид, со цел младите луѓе да се запознаат што добиваат со обуките, колку е важно да добијат една таква вештина, да се занимаваат со таква благодордна професија.
– Сега бевме во две училишта, ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ и РЦСОО „Ванчо Питошески“, околу 10-на млади има заинтересирани за обуката. Кандидатите се подготвуваат за спасители според стандарди и техники што се содржани во методологијата на Интернационалната федерација за безбедност на вода – ILSF, нашите инструктори се обучени на ниво и сите кои ќе бидат дел од обуката ќе добијат многу занаења и вештини што ќе им користат понатаму во животот, а и можност да бидат ангажирани како спасители на вода со многу солиден надомест во текот на летната сезона на капалиштата на охридското крајбрежје, потенцира Точков.
Додава дека моментално располагаат со одреден број спасители на вода ангажирани од минатите сезони, што би ги задоволила барањата на дел од концесионерите. Најави дека годинашната обука на нови спасители на отвоени води е планирана за втората половина на месец јуни. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
