Охрид, 20. август 2025 (ИНПРЕС) – Охридската оперска дива Миланка Новеска – Gustavsson, која продолжува да ги освојува најпрестижните сцени во светот, утревечер од 20:00 часот ќе одржи концерт во родниот Охрид и тоа во уникатниот простор на црквата „Св.Софија“.
Особено е среќна што проектот „Времеплов“ ќе го претстави на домашен терен, а на репертоарот ќе има арии и класични нумери од различни епохи.
Во интервјуто за Супер радио и InPress ги сподели впечатоците од неодамнешниот настап во Берлин, како и плановите за следниот период.
Супер радио: Миланка периодов имате набиена агенда, а меѓу настапите се најде и овој во вашиот роден град. Концертот е насловен „Времеплов“ што ќе се одржи во катедралната црква „Св.Софија“. Па кажете ни што да очекува публиката?
Новеска – Gustavsson: Многу ми е мило што можам да настапам во Охрид. Овој проект се вика „Музички времеплов“, ќе настапиме со арии и класични нумери од скоро сите епохи. Особено ми беше важно да настапам со нешто што ќе ги опфати различните музички стилови, да биде интересно и за публиката. Многу сум среќна што заедно со моите колешки сопранот Тина Ристеска и нашиот музички соработник и врвен пијанист Ана Велиновска ќе настапиме во мојот роден крај. Ќе имаме дела од Моцарт; Хајдн, потоа ќе опфатиме дела и од Пучини, како и нашиот автор Зографски, ќе биде баш интересно.
Супер радио: Деновиве имавте настап во Берлин, впечатоците се сѐ уште свежи. Кажете ни накратко како поминавте?
Новеска – Gustavsson: Прекрасно беше. Се работи за продукција на Монтеверди – „Крунисувањето на Попеја“. Многу сум среќна што имав добар тим на колеги и колешки, како и техничкиот тим. Режисерката ми даде голема креативна можност да ја изградам мојата улога како што имав замисла. Тоа ми е најомилено, кога може да се направи заеднички склоп на идеите, уживам кога и јас ќе вметнам некоја моја карактеристика, како јас го доживувам ликот. Мојата улога беше Нутриче, слугинката на кралицата, многу интерсен, комичен лик, јас така ја гледам, сакаше да се забавува на дворот како што е и приказната, ја поддржува секако својата кралица и секогаш е тука за некои интриги.
Супер радио: Живеете во Шведска, стипендист сте на најпрестижната фондација основана од кралот Карл XIII, добивте и кралска стипендија, а веќе сте и дел од тимот на хорот Eric Ericsons Kammarkör. Кои се вашите планови за следниот период?
Новеска – Gustavsson: За следниот период, веќе на 26-ти август се враќам во Шведска, одам во Малме каде почнуваат пробите во Малме операта за Lohengrin Wagner од што ќе бидам дел. Во нивната оперска куќа ова ќе биде мој прв настан, многу сум возбудена поради тоа, задоволна, ќе имам и колеги од Стокхолм, па нема да се чувствувам осамено. Со нетрпение очекувам. Потоа се враќам во Стокхолм, каде ќе имам наизменично работа со филхармонијата со Eric Ericsons, можност и за националниот хор на радиото во Стокхолм, како и назад подоцна за Малме операта, ќе бидам паралелно во двата градови. Овие ангажмани се до јануари следната година. Ќе имам и настап во ноември со неколку хорови, тоа ќе биде „Реквиемот“ на Моцарт, а јас ќе ја изведувам соло партидата за мецосопран. (Крај)
извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес
