Бројот на опслужени патници и летови на двата аеродроми во октомври ги надмина бројките од 2024 година
November 18, 2025

Охрид/Скопје, 18. ноември 2025 (ИНПРЕС) – Во октомври 2025 година, преку двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Aеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид опслужени се 318.160 патници и 2.328 летови.

Според податоците на ТАВ Македонија, бројот на опслужени патници во октомври ги надмина бројките од 2024 година за 12%, додека бројот на летови овој октомври е за 7% поголем од октомври во 2024 година.

Согласно зимскиот ред на летање на охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“ ќе се лета до 5 дестинации (Цирих, Базел, Дортмунд, Виена, Меминген) со 3 авиокомпании. На 15-ти март 2026 година Wizz Air најави укинување на линијата Виена-Охрид, но градов сепак ќе биде авионски поврзан со австриската престолнина бидејќи компанијата „Аустријан ерлајнс“ од 17 мај ќе лета од Виена за Охрид.

Од 17 март идната година, во летниот распоред, наместо од Австрија, Wizz Air ќе лета за Охрид три пати неделно од словачкиот главен град Братислава.

Од 30 март 2026 година двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации. Од Меѓународниот аеродром во Скопје, Wizz Air ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден отвора нова дестинација Неапол. Аеродромот „Св. Апостол Павле“ од Охрид ќе биде поврзан со Милано. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес