Охрид, 26. декември 2025 (ИНПРЕС) – Утре напладне во спортската сала на ОУ „Христо Узунов“ ќе се одржи првата креативно – уметничка работилница за изработка на ѕвездичките што ќе ги носат дечињата учесници во Бадниковата поворка 2026.
Ваква работилница, во недела, 28-ми декември, ќе се одржи и во селото Велгошти.
– Ѕвездите се главно обележје на Бадниковата поворка, како симбол на ѕвездата деница која му го покажала патот на тројцата мудреци до пештерата во Витлеем, каде е роден нашиот спасител Исус Христос, вели за Супер радио и InPress Летка Филипова главен координатор на настанот.
Досега се одржани две проби за Бадниковата поворка, кои поминале во прекрасна атмосфера исполнета со детска радост, смеа и празничен дух.
– Дечињата беа одлични и со секоја проба сè повеќе ја чувствуваат магијата на Бадник. Со нетрпение ја чекаме следната средба, исполнети со уште повеќе среќа, радост и празнична топлина, вели Филипова.

Покрај од Охрид, во поворката учествуваат и дечиња од околните села и населени места, како и од Општина Дебрца.
Во насока на негување на традиција на православно празнување на Бадник, со пеење на православни црковни песни, на 6-ти јануари, стотици деца низ охридските улици ќе ја пеат песната „Вечниот Бог“. Учесниците во поворката ќе носат ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата деница што го покажала патот на мудреците до пештерата.

На Градскиот плоштад веќе е поставена големата Бадникова пештера, која наликува на онаа во Витлеем каде што е роден спасителот Исус Христос, подарок за градот од Бигорскиот манастир, а е дело на вредните монахињи од манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица.
Мотото на манифестацијата „Бадникови поворки“ 2026 е „Со Божиќната радост срца да стоплиме!“. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива






