Охрид, 16. јануари 2026 (ИНПРЕС) – Во рамки на одбележување на верскиот празник Богојавление – Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено – превентивната дејност.
Во недела, 18-ти јануари, од 19:00 до 23:00 часот на пунктот поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.
– Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и опасностите што постојат при капење во вода со температура од околу 8 степени целзиусови, велат од Црвениот крст.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското Езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во понеделник, 19-ти јануари, Црвениот крст ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 5 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, 3 нуркачки тимови, како и со 5 медицински тимови за укажување прва помош со 2 амбулантски возила, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
Традиционалната крводарителска акција „Водици 2026“ под мотото „Една капка може да промени сѐ“ ќе се реализира во понеделник, од 09:00 до 15:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Може да учествуваат сите наши сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива







