Охрид, 3. февруари 2026 (ИНПРЕС) – Во четврток започнува традиционалната манифестација „Прличеви беседи“, со што ќе се одбележи годишнината од смртта на поетот и преродбеник Григор Прличев.
Од 11:45 часот во изложбениот салон ќе биде отворена изложбата на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура „Григор Прличев“.

Во 12:00 часот на малата сцена започнува свеченоста посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“. Предвиден е настап на градскиот хор „Вокс Лихнидос“, обраќања на претставник на Центарот за култура и Општина Охрид, претставување и артистичка изведба на наградената поема „Темна кутија“, врачување на Повелбата за најдобра поема за 2025 и свечено обраќање на лауреатот Братислав Ташковски.
Во петок, 6-ти февруари во 09:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“, во 10:00 часот предвидени се панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Прличев во близина на црквата Св. Богородица Перивлепта.
Од 11:00 часот во Спомен куќата на ловороносецот ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во рамки на кои ќе биде изведена песната „1762 лето“ од страна на Стефани Дудиќ – сопран и Исабела Димовска – мецосопран.
Свое обраќање ќе има претставник на Општина Охрид, ќе бидат врачени два примероци од книгата „Јазик и леб“ од Славе Ѓорго Димоски, отпечатена во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид, како и врачување на наградите на провонаградените литературни творби на литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“. По ова предвидено е читање на наградените литературни творби и промоција на книгата „Охридска книжевна историографија“ од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.
Во 12:30 часот предвидено е полагање ловоров венец и свежо цвеќе пред спомен-бистата на Прличев пред градската библиотека „Григор Прличев“, по што ќе се обрати Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писатели на Република Македонија.
Од 13:00 часот во Прличевата одаја на Библиотеката „Григор Прличев“ ќе се одржи „Прличева визита“, на која меѓу другото ќе биде доделена наградата за најдобра беседа во чест на Прличев за 2026 на Софија Стојанова.
Вечерта од 19:00 часот ќе се одржи свечената приредба по повод патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Годинашните свечености во чест на ловороносецот Прличев ќе бидат заокружени во сабота, 7-ми февруари, со осмото издание на поетскиот караван „Добри гости“, што ќе е одржи во Култ Културен центар. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
