Струга, 27. март 2026 (ИНПРЕС) – На вториот завршен ден од конференцијата и работилницата во рамки на проектот „Forest Fire Struga“, беа отворени и дискутирани повеќе тековни прашања од клучно значење за подготовката на големата теренска вежба за заштита од шумски пожари, планирана за април 2027 година.
Заменик директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Кашмир Салиу, говореше за важноста од навремена и координирана институционална подготовка. Настанот се одржа во Општина Струга, каде што беше потенцирана улогата на локалната самоуправа како клучен носител на активностите.
Во процесот активно се вклучени Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС), Општина Струга, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Царинската управа, како и Црвениот крст на Република Македонија и доброволните противпожарни друштва.

Секој од партнерите има специфична улога во подготовката и реализацијата на вежбата – од координација на локално ниво, преку управување со прекугранични процедури, до обезбедување логистичка поддршка и ефикасна комуникација меѓу домашните и меѓународните тимови.
Главната цел на проектот е зајакнување на капацитетите за справување со шумски пожари преку подобрена координација, обуки и практична проверка на подготвеноста на сите релевантни институции.
Во фокусот беше изработката на сценарио за големата теренска вежба, која ќе опфати реални ситуации со шумски пожари, вклучувајќи прекугранична соработка и мобилизација на ресурси.
Теренската вежба ќе се реализира на подрачјето на Општина Струга. Следува интензивен период на обуки и техничко опремување на пожарникарите и сите вклучени служби, со цел успешно реализирање на вежбата во април 2027 година. (Крај)
извор: ДЗС фото: архива
