Охрид, 2. јули 2025 (ИНПРЕС) – Од почетокот на годината досега охридската Територијална противпожарна единица (ТППЕ) има извршено вкупно 202 интервенции, изјави за Супер радио и InPress командирот Борко Јанкулоски.
– Од вкупниот број, 126 се интервенции на пожари (објекти, отворен простор, сообраќајни средства), а остатокот од 76 се технички интервенции и останати активности и услуги (сообраќајни незгоди, поплави, заклучени објекти, обезбедување манифестации, делегации и спортски настани и сл.). ТППЕ Охрид важи за една од најекспедитивните единици во Македонија и е секогаш на висина на задачата. Тоа може да го констатираме од многубројните интервенции со кои како единица се соочуваме, вели Јанкулоски.

Споредено со истиот период минатата година се бележи намалување на вкупниот број интервенции и пожари. Лани пожарникарите интервенирале 244 пати, од кои на 168 пожари и 76 технички и останати интервенции.
Со оглед на летниот период и високите температури постојат услови за опожарување на поголеми површини, на што сме сведоци скоро секоја година. Јанкулоски повторно со апел до жителите на општините Охрид и Дебрца да бидат внимателни и да избегнуваат дејствија што би предизвикале несакани последици. Потсети дека палењето оган на отворен простор е строго забрането и казниво.
Командирот истакна дека во случај на поголеми пожари на отворен простор како дополнителна помош во овој период ги имаат припадниците на ДПД „Ентузијаст“ кои се добро екипирани со противпожарни возила и обучени пожарникари. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
