Охрид, 20. јуни 2025 (ОХРИДПРЕС) – И годинава традицијата продолжува, викендов по шести пат ќе има многу авантура, планинарење, велосипедизам, логорување, забава и уживање на Фестивалот на планината и езерото, во организација на авантуристичкиот клуб „Mountain Madness“.
Започнуваме утре со рекреативни велосипедски тури на локации покрај Охридското Езеро, со што ќе се одбележи Денот на Охридското Езеро, 21-ви јуни. Настанот продолжува во попладневните часови, со логорување во месноста „Корита“, вели за Супер радио и InPress Жанко Голабоски од клубот „Mountain Madness“.
– Ги очекуваме во попладневните часови да пристигнат учесниците кои се за логорување на „Корита“, се поставува кампот, логорот, шаторите, логорскиот оган ќе го палат припадници на ТППЕ Охрид. Утревечер ќе се седи покрај логорскиот оган, се кампува на отворено, во пријатна атмосфера како и минатите години, вели Голабоски.

Главниот настан, искачување до врвот Магаро ќе биде во недела. Стартна точка е месноста „Липова Ливада“, а оваа година има и полесна тура од истата стартна точка до врвот Лако Сигној, од каде се простира одличен поглед на двете езера.
– Стартот во недела ќе биде во групи, во периодот од 07:00 до 08:00 часот, како ќе пристигнуваат групите така ќе се упатуваат кон врвовите Магаро и Лако Сигној. Влезот во НП „Галичица“ е бесплатен, учесниците имаат попусти на пијалоците во планинарскиот дом „Спиридон“. Во исто време ќе може да присуствуваат и на филмскиот фестивал „Еко-Ехо на Галичица“, потенцира Голабоски.

По искачувањето на врвовите, ќе се следи забава на плажа сé до зајдисонце. Овој фестивал нуди уникатна можност во ист ден да бидете на врвот на планината и да се капете во Охридското Езеро. Настанот се организира со поддршка од Општина Охрид и НП „Галичица“.
Галичица е планина сместена помеѓу двете најголеми езера во Република Македонија, Охридското и Преспанското. Врвовите на Галичица нудат неверојатен поглед кон двете езера и околните планини.Со оглед на тоа што фестивалот вклучува повеќе настани, од вело тура, логорување, искачување на Магаро, забава на плажа… избор на учесникот е во која ќе се вклучи, а може да направи и комбинација. Секој учесник треба да поседува планинарска опрема, храна од ранец и 1,5 литар вода. Учесниците одат на своја одговорност и за секое непочитување на маршутата и правилата поставени од организаторот сами одговараат за последиците. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
