Охрид, 25. март 2026 (ИНПРЕС) – Во текот на минатата година од охридските високообразовни установи излегле вкупно 6 магистри и еден доктор на науки.
Според податоците на Државниот завод за статистика, на Факултетот за туризам и угостителство, како членка на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, со звање магистер се здобиле 3 кандидати. Од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ излегле 3 магистри. Од нив еден на Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност, а двајца за информатички и комуникациски науки. Од вкупниот број магистри, според половата структура четворица се мажи, а две жени.
Лани во Охрид само едно лице се стекнало со звање доктор на науки од областа услуги, на Факултетот за туризам и угостителство.
На државно ниво во 2025 година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.855 лица, од кои 1.558 се магистри. Најголем број од магистерските трудови, 497 се од областа на бизнисот, администрацијата и правото.
Звањето доктор на науки го стекнале 245 лица, најголем број докторирале во областите здравство и социјална заштита. 147 жени одбраниле докторска дисертација во текот на 2025 година, што претставува 60 % од вкупниот број лица што докторирале во минатата година. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
