Охрид, 15. април 2026 (ИНПРЕС) – Во време на засилени глобални предизвици, но и нови можности за развој, туризмот сè повеќе бара стратешки пристап, квалитет и одржливост. За актуелните состојби во секторот, образованието и подготовката на кадарот, како и за идните насоки на развој, разговараме со проф. д-р Климент Наумов, од Факултетот за туризам и угостителство.
Повод за интервјуто е и неговото неодамнешно професионално искуство во Франција, но и неговиот долгогодишен ангажман во туризмот – од практична работа на терен до едукација на новите генерации.
За InPress тој зборува за подготвеноста на студентите, потребните реформи, како и за предизвиците и потенцијалите на македонскиот туризам, со посебен акцент на иднината на Охрид како туристичка дестинација.
InPress: Ќе започнеме со најновите случувања, неодамна се вративте од Франција, каде ја завршивте праксата за опсервација во наставните и апликативните кујни на колеџот Жесе де Форест. Колку време бевте таму, каков беше приемот, што сé научивте?
Наумов: По петти пат се враќам во школото Жесе де Форест (Jessé de Forest) во Авен сир Елп (Avesnes sur Helpe) во последните 6 години. Школото се наоѓа во регионот на Северна Франција во срцето на регионалниот парк на природата Авенуа (Parc naturel régional de l’Avesnois https://www.parc-naturel-avesnois.fr/ ). Во континуитет се надоградувам во оваа образовна институција уште од 2020 година, кога за првпат реализирав подолг, двомесечен студиски престој, поврзан со основите на кулинарството и француската кујна, на покана на шеф Кристоф Доверњ (chef Christophe Dovergne) и проф. Кристел Леруа (Christelle Leroy). Од тогаш се враќам назад секоја година, а исто така редовни посетители на Факултетот за туризам и угостителство ни се скоро сите професори по стручни предмети од областа на гастрономијата од школото Жесе де Форест. Овогодинешната Еразмус + мобилност во делот на опсервација на педагошките и методолошките практики ја реализирав преку ЦЕС Академија – Скопје (центар за неформално образование и доживотно учење), а со безрезервна поддршка на Наставно-научниот колегиум при ФТУ-Охрид. Секогаш сум добредојден во Жесе де Форест, до таа мера што редовно добивам информации од менаџментот на школото за сите новитети, а со наставниот кадар сме во интензивна комуникација. Без исклучок сите се достапни во секое време за сѐ што ме интересира во врска со готварската проблематика, но и за други моменти кои немаат допирни точки со гастрономијата, но се важни за интензивирање на нашата соработка на разни основи. Оваа година студискиот престој беше во времетраење од пет работни ден и уште два дена во патување. Северна Франција, а особено овој микрорегион се познати по топлото гостопримство, како што Енрико Мацијас ги опева во својата антологиска песна „Луѓето од север“ („Les gens du Nord“),
Во срцето го имаат сонцето,
што го немаат надвор.
Ont dans le cœur le soleil
Qu’ils n’ont pas dehors.
За време на престојот во детали се запознав со повеќе концепти, принципи и методи кои се применуваат во теоретското и практичното совладување на различни поенти од кулинарското образование. Особено внимание се посвети на техничките листи, т.е. стандардизирани рецепти што се користат како наставен материјал без кој не се може. Можам со гордост да кажам дека сум пионер во имплементацијата на овие наставни материјали во македонскиот образовен систем уште од 2020 година, кога за првпат техничките листи ги применив во наставните програми на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а во координација со професорите по стручни предмети од областа на угостителството се обидувам да ги имплементирам овие концепти и во средните училишта ширум државата.

Во последно време кај нас многу се зборува за одржливоста како концепт, особено кога станува збор за практиките во производство и подготовка на храна, само што во Франција одржливоста е услов без кој не се може, тоа е прашање на успех или неуспех, а во наши рамки сé уште овој концепт трпи теоретски анализи и неговата имплементација и реализација секогаш се доведува во прашање, никогаш јасно не е дефинирана во практиката и никогаш не е примарен услов во работењето во реалниот сектор.
InPress: Зошто ја одбравте токму Франција?
Наумов: Франција е неприкосновена по сите основи кога се работи за готварството. Гастрономското наследство на Франција е во рамки на светското културно наследство признато и заштитено од УНЕСКО како културно богатство, кое ги опфаќа богатите традиции на буржоаската и селската кујна, сирења и вината со врвен квалитет, како и специфичниот начин на послужување. Ова наследство комбинира автентични историски рецепти, регионални специјалитети и култура на уживање во храната.


InPress: Долги години сте во областа на туризмот со богато искуство, како туристички водич, сега како професор на ФТУ…сте биле дел од бројни проекти, предавања, Еразмус+ искуства, практична соработка. Тоа го пренесувате и на студентите. Колку е важна практичната настава во оваа област?
Наумов: Уште како студент во втора година на студиската програма по туризам и угостителство ја имав можноста да станам туристички работник, поточно туристички водич и да добијам ангажман во рамките на еден локален туроператор, а наредната година бев ангажиран и како дестинациски претставник за холандскиот туроператор Sunweb Vakanties. Сето тоа немаше да се реализира доколку факултетот не ми овозможеше да ги искористам можностите што во тие моменти беа достапни како платена студентска пракса. Многу мои колеги заминуваа за Грција, да работат во угостителскиот сектор, но јас одлучив да останам во Охрид и да ми се оствари желбата што ја имав уште како дете, да станам туристички водич и достоен интерпретатор на културното и природното наследство пред странскиот и домашен аудиториум. Тоа што го совладав во периодот помеѓу 2004 и 2007 година како практикан, туристички водич и менаџер на продажба и ден денес го пренесувам на моите студенти, особено делот каде се бара развој на претприемнички способности. Јас ја имав ретката можност да учам од врвни експерти од туристичката индустрија кои редовно доаѓаа во Охрид да го пренесат своето практично знаење и експертиза на тие што беа директно вклучени во работата со холандските туристи.
Практичната настава е од огромно значење за понатамошното профилирање на кадрите кои ќе излезат од академските аули. Теоријата која не може да биде преточена во пракса е исто како да сонувате нешто недостижно, одново и одново, а немате можност тој сон да го направите реалност. Во денешно време сѐ е достапно во дел од секундата. Доколку пред 20 години сме морале со судни маки да доаѓаме до материјали за учење, сега во интернет просторот достапни се наставни материјали за секој домен. Во меѓувреме многу нешта се променија во профилот на туристите. Современите туристи се желни за нови и несекојдневни искуства, за нив од денешен аспект ни небото не претставува граница. Една дестинација никогаш не може во целост да ги задоволи потребите на туристот бидејќи развојот на едно туристичко место никогаш не оди паралелно со преференциите на модерниот профил на турист. Во изминатите неколку години може да се пофалиме со реализацијата на бројни европски и домашни проекти од полето на туризмот, хибридното учење (иницирано од ковид 19 кризата), гастрономијат, културното наследство и неговата туристичка валоризација и сл. Од повеќето проекти ќе го издвојам проектот SCOOK „ОДРЖЛИВОСТ ВО КУЛИНАРСКИТЕ ПРАКТИКИ: ТРАДИЦИЈА И ИНОВАЦИИ КОН ОДРЖЛИВА ИДНИНА“ кофинансиран од програмата Еразмус+ на Европската Унија. Станува збор за тригодишен проект кој се реализираше во периодот од декември 2022 година до крајот на декември 2025 година. Проектот го координираше Атлантскиот технолошки универзитет (АТУ) Галвеј, Ирска со своите партнери: Едукативниот центар за кулинарство Медитеранео во Валенсија, Шпанија; Школата Жесе де Форест од Авен сир Елп, Франција и факултетот за туризам и угостителство Охрид, во соработка со факултетот за биотехнички науки при Универзитетот Св. Климент Охридски Битола. Повеќе за проектот можете да прочитате на следниот линк: https://scookerasmusplus.weebly.com/1044108610841072.html
InPress: Дали студентите се доволно подготвени за реалниот пазар на труд и дали нешто треба да се промени во образовниот систем за туризам и угостителство?
Наумов: Студентите како никогаш досега имаат можности да се надоградуваат, а плус и да посетуваат едномесечна задолжителна практична настава кај познат работодавач, да слушаат клинички предавања од докажани експерти од замјата и странство, а и да бидат упатувани и на платена пракса во странски земји. Колку од сите овие можности ќе искористат зависи од нив самите. Нашиот факултет има потпишано договори за соработка и размена на студенти со голем број високонаучни институции од регионот, централна и западна Европа, давајќи им можности на студентите да престојуваат од еден до четири семестри на сродни факултети. Особено би ги издвоил студентите од студиските програми по гастрономија и хотелско-ресторански менаџмент кои пред да дипломираат веќе се професионално ангажирани во реалниот сектор, а по заокружувањето на нивното образование добиваат и менаџерски позиции, не само во нашата држава туку и во Хрватска и Црна Гора, каде често заминуваат на сезонска работа. Во последните 3 години сѐ повеќе наши алумни се решаваат да останат во Македонија и тука да ја трасираат својата професионална иднина. Она што треба да претрпи измени во образовниот систем е олеснување на можностите за ангажман на млади кадри во високото образование и нивно напредување во образовниот систем.
InPress: Како го оценувате развојот на туризмот во Македонија во последниве години? Имаме ли стратегија или туризмот се развива спонтано?
Наумов: Туризмот во Македонија реално стагнира во својот развој уште од настапувањето на COVID 19 кризата која предизвика еден вид развоен дисконтинуитет. За жал во нашата држава има сѐ помалку чинители кои се вклучени директно во дојдовниот туризам, а сѐ повеќе туристички доаѓања се реализираат индиректно преку туроператори од нашите соседни земји во кои предничи Албанија, организирирајќи кружни повеќедневни тури и еднодневни излети до Охрид. Соседна Албанија троши многу средства за туристичка промоција во светски рамки, додека кај нас отсуствува ваквата практика. Сé уште нема стратегија за развој на туризмот ниту на национално ниту на локално ниво. Факултетот за туризам и угостителство – Охрид моментално е вклучен во изработката на стратегијата за развој на туризмот на Oпштина Охрид, а тим професори работи и во изработката на националната стратегија.
Можам слободно да кажам дека моментално туризмот се одвива стихијно и без следење на било какви развојни постулати. Отсуството на Национална туристичка организација, а особено локална туристичка организација во Охрид, јасно ни кажува дека туризмот не е во реалност дел од приоритетите за општествено-економски развој на локално, регионално и национално ниво. Една или повеќе такви организации би довеле до воспоставување на ред во туристичкиот систем и забрзан развој.

InPress: Актуелен предизвик со кој се соочува туризмот е конфликтот на Блискиот Исток, а индиректно со тоа и растот на цените. Има ли најави за откажувања за претстојната сезона?
Наумов: Она што се случува на Блискиот Исток несомнено ќе резултира со негативни консеквенции во туристичките доаѓања во рамките на Македонија, но и во регионот во целост. Сепак се работи за нешто што е вон доменот на нашето влијание. Единствено ни преостанува да посветиме внимание во зголемувањето на нивото на квалитетот и одржување на конзистентноста на туристичките услуги. Евидентни се откажувањата на реализациите на програмите за туристи од прекуокеанските земји. Зголемувањето на цената на енергенсите ќе има негативно влијае врз авионскиот превоз. Ќе мора да се насочиме кон промоција на нашите туристички потенцијали кај интересентите од нашето непосредно опкружување. Притоа треба да се прилагодат програми за гости од нашите соседни земји.
InPress: Што можеме да направиме за да го спречиме евентуалниот пад во бројот на туристи?
Наумов: На ова прашање име многу одговори, но многу нешта се надвор од нашиот дофат. Квалитетна туристичка промоција на Охрид преку саеми и роудшоуа во европските и прекуокенаските емитивни зони, со фокус на искуствениот туризам. На пример поголем би бил ефектот кога на туристичките саеми како презентери би учествувале поединечни даватели на услуги од туризмот и угостителството, како туристички водичи, интепретатори на наследството и селски домаќинства со цел пластично да се доловат различните искуства со кои потенцијалните туристи би се стекнале доколку ја посетат дестинацијата.

InPress: Масовен или квалитетен туризам – што му е потребно на Охрид?
Наумов: Охрид во никој случај не заслужува масовен туризам, но и реално не сме во можност да примиме голем број туристи. Една голема негаивност која во многу наврати е спомената како проблем и од самата комисија на УНЕСКО е прекумерната непланска урбанизација на градот, со преку 2500 нелегално изградени објекти. Сепак Охрид и Охридското Езеро се наоѓаат на специјалната листа на УНЕСКО на мешовито светско наследство. Ретко кој од нас како граѓани имаме целосно поимање за ова. Доколку се даде предност на препораките на УНЕСКО, а развојните практики се темелат на овие принципи би можеле да го задржиме статусот во рамките на оваа организација на ООН, а истовремено и да бележиме позитивни трендови во туристичкиот развој низ призма на природното и културното наследство. Доколку го изгубиме статусот, штетата ќе биде непоправлива. Треба да се научиме да живееме и да работиме во хармонија со природата, имплементирајќи практики на регенеративен туризам, што претставува нов развоен концепт кој оди неколку чекори подалеку од одржливиот туризам, кој за жал никако не успеавме да го совладаме како концепт. Сега барем можеме да ги прифатиме принципите на овој нов тренд и да ги поправиме грешките и штетите кои се нанесени на Охрид и Охридското Езеро од осамостојувањето до денес.

InPress: Како да се постигне баланс помеѓу туризмот и заштитата на природното и културното наследство?
Наумов: Доколку секој чинител од туристичкото стопанство свесно и чесно пристапи и ги следи сите законски и морални норми на функционирање во оваа област многу нешта би биле подобри и би работеле во услови каде предност би имале природното и културното наследство над личните и поединечните интереси.
InPress: Кои конкретни мерки би ги предложиле за подобрување на туристичката понуда?
Наумов: Приоритет е создавање на локална туристичка организација која би ја обединила и би ја ревидирала туристичката понуда и би обезбедила развој кој ќе се базира на научни сознанија и почитување на позитивните правила и прописи, со особен акцент на следење и почитување на препораките на комисијата на УНЕСКО. (Крај)
извор: ИнПрес фото: Климент Наумов/ИнПрес
