Охрид, 19. јуни 2026 (ОХРИДПРЕС) – Охридската оперска дива Миланка Новеска вечерва во Лондон ќе дебитира во улогата на Риналдо во истоимената опера на Георг Фридрих Хендл.
Пред публиката во The Cockpit Theatre таа ќе се претстави заедно со Ensemble OrQuesta Baroque, Marcio Da Silva и Predrag Gosta кои ќе го оживеат ова неверојатно дело.
– Оваа улога е кулминација на сите години кои ги поминав во светот на Хендл. Барокната опера беше моето креативен рај, а моето деби во „Риналдо“ е мојот најголем успех во досегашното музичко патување, порача Миланка на нејзиниот профил на Facebook.
Операта „Риналдо“, Хендл ја компонира во 1711 година и за првпат била изведена во Лондон. Ја следи приказната за попречената љубов на Риналдо и Алмирена, додека се справуваат со махинациите на перфидните Арганте и Армида.
Ова е само продолжение на успесите на младата охридска оперска дива, која неодамна во Рим блесна во улогата на Росина, во претставата „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, на 2 април имаше забележителен настап во улогата на Марија Магдалена во легендарната рок-опера „Jesus Christ Superstar“ на Andrew Lloyd Webber и Tim Rice, а минатата недела настапи пред Кралот и Кралицата на Шведска.
Инаку Новеска повторно е добитник на кралска стипендија од Фондацијата „Ингрид и Оскар Фалкман“, доделена од Друштвото на пријатели на Дротнингхолмскиот дворски театар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
