Андовски: 89 пациенти се хоспитализирани во Македонија, 76 се лекуваат во странство, засега состојбата им е стабилна
March 18, 2025

Скопје, 18. март 2025 (ИНПРЕС) – Вкупно 89 повредени при пожарот во дискотеката „Пулс“ се хоспитализирани во Македонија, додека досега 76 се пренесени на лекување во странство. Состојбата на сите засега е релативно стабилна изјави заменик министерот за здравство, Јовица Андовски по утринскиот брифинг со лекарите од клиниките.

– Во клиниката за пластична хирургија има 17 пациенти на Токсикологија 13, на Торакална 4 кои се стабилни, на трауми 2, на детска хирургија 4, КАРИЛ 14, стара градска 12, во 8-ми септември се 18, на пулмолигјија 2 и останати се во Штип 3 пациенти. Оние што се во странство, има 76 пациенти транспортирани во странски клиники. Ноќеска се транспортирани во Хрватска 2, во Атина 3, во Виена 2 и Словенија 2. Планирано е препраќање на уште неколку пациенти, во преговори сме со Виена, Полска, Шведска, Холандија, Италија, Норвешка, Словенија… рече Андовски.

На овие бројки треба да се додадат и 8 повредени во „Аџибадем Систина“ и 6 повредени во „Жан Митрев“.

Странски доктори за помош во третманот на повредените веќе има во земјава, тука се доктори од Белгија, од Израел, потоа од Чешка и од ВМА од Белград, Србија.

Андовски пренесе и добра вест од Турција, од болницата од Анкара, каде се згрижени шест пациенти. Кога биле примени сите биле интубирани, а веќе денеска, пет од шест се екстубирани и дишат самостојно. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива