Охрид/Скопје, 13. март 2025 (ИНПРЕС) – Во текот на минатата година водата во Охридското Езеро била од прва класа, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за состојбата, квалитетот и безбедноста на површинските води во Република Македонија.
Биле направени 40 увиди на вкупно 155 примероци езерска вода. Согласно микробиолошките параметри што се испитани водата спаѓа во класа одлична, односно, може да се употребува за капење, спорт и рекреација. Физичко – хемиските и бактериолошки анализи покажале дека водата е од I класа.
– Во однос на физичко-хемиската анализа, површинската вода од Охридското Езеро е оценета во I класа во 10 примероци, со исклучок во месеците јануари и септември кога заради зголемена потрошувачка на КМnO4, примероците вода се класифицирани во III класа. Микробиолошки, водите од Охридското Езеро се класифицираат како „одлични”, освен во месеците јули и декември кога водата се класифицира
како „незадоволителна” заради зголемен број на Enteroccocus, е наведено во извештајот.
Што се однесува до квалитетот на површинските води од реките, Сатеска и Коселска река се во II и III класа според физичко – хемиски анализи, а III и V бактериолошки, додека Грашница е во III класа според физичко – хемиските и бактериолошки анализи.
Во наодите на ИЈЗ е наведено дека во однос на физичко-хемиските параметри на површинската вода од природните езера во Република Македонија може да се заклучи дека состојбата само во Охридскито Езеро е стабилна каде најголемиот дел од примероците се класифицирани во I класа. (Крај)
извор: ИнПрес/ИЈЗ фото: ИнПрес