Охрид, 31. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Променливото време ја отвори сезоната на грип, а засега според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во Охрид не се регистрирани заболени пациенти.
Во текот на 43-та недела од 2025 година (од 20-ти до 26-ти октомври) во Република Македонија се пријавени 56 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, 33,3 отсто повеќе во споредба со минатата сезона, се наведува во најновиот извештај на ИЈЗ.
Од нив 48 лица се на возраст од 15-64 години, 5 лица на возраст над 65 години, 2 деца на возраст од 5-14 години и еден случај на возраст од 0-4 години.
– Заболените лица оваа недела се регистрирани во Гостивар – 20, Куманово – 15, Прилеп – 7, Тетово и Радовиш – по 5, Струмица и Македонски Брод – по 2. Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип, стои во извештајот.
Во сезоната 2025/2026 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 244. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 64,9%. Најмногу заболени сезонава се регистрирани минатиот месец.
Од 16-ти октомври започна да се спроведува бесплатната вакцинација против сезонски грип за ризичните групи граѓани, а интересот е голем. Од Центарот за јавно здрвје Охрид информираат дека пријавените генерално се придржуваат на терминот и не се создаваат гужви. За Охрид има 2.000 дози, Струга 1.000 и за Дебар 300, а за аплицирање сите доаѓаат на пунктовите во центарот.
Досега на ниво на Република Македонија со бесплатна вакцина се имунизирани вкупно 31.289 лица од ризичните категории.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес






