Охрид, 5. септември 2025 (ИНПРЕС) – Во Црвен крст Охрид во тек се уписите за есенскиот циклус на програмата „Полетарче“ за деца на возраст од 3-5 години.
Утре во просториите на организацијата во периодот од 09:00 до 11:00 часот ќе се одржи отворен ден, каде ќе можат да се добијат детални информации за оваа програма.
– Преку игра, забава и дружење децата ќе ја развиваат и јакнат самодовербата, ќе стекнуваат вештини важни за успешно извршување на претстојните училишни задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго. Вежбите се приспособени на возраста на детето и преку нив детето станува свесно за своите способности, се поддржува да не се откажува при правењето грешки и да има храброст да биде креативно. Планирани се и најразлични теренски работилници на кои дечињата ќе го запознаат со многу корисни спортски содржини, со училишното опкружување и снаоѓање во сообраќајот и друго, информираат од Црвен крст Охрид.
Есенскиот циклус од програмата трае три месеци со изведување на вкупно 12 часови, по еден час седмично, во траење од 45 минути.
Сите заинтересирани можат да се информираат и пријават на телефоните 046/261-909 или 072/246-175, на е-маил: ohrid@redcross.org.mk, или во просториите на Црвен крст Охрид, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
