Охрид, 4. септември 2025 (ИНПРЕС) – Деновиве беше промовирано новоформираното КУД „Разбој“ во селото Лескоец со цел да го негува и промовира богатото културно и фолклорно наследство на нашата заедница.
Основано е од група ентузијасти, од различни возрасти, кои споделуваат заедничка љубов кон македонската култура и желба да ја пренесат на новите генерации.
Предводено е од искусниот Владо Пуцоски, кој долги години беше истакнат играорец во АКУД „Лескоец“ и КУД „Бисери“.

– Името што го носиме не е случајно. Разбојот е симбол на создавање, на вплетување на боите, обичаите и духот на нашиот народ. Како што конецот се вткајува во платното, така и ние ќе ги вткајуваме нашите срца во ова друштво, за да остане везено во времето и да биде мост меѓу минатото и иднината. Наша света должност е да ја чуваме традицијата, да ја оживуваме играта, песната и обичаите на нашите дедовци, баби, татковци и мајки, и со тоа и да ја пренесеме убавината на македонската традиција на идните поколенија, вели за Супер радио и InPress претседателот Пуцоски.

Додава дека друштвото ќе понуди уникатно искуство преку изведба на македонски народни песни, танци и традиционални обреди. Ќе се стреми не само да изведува, туку и да образува, организирајќи работилници и обуки за традиционалните уметности.
Покрај редовните настапи планот е КУД „Разбој“ да организира културни манифестации, фестивали и настани, со цел да ја збогати културна размена и да создаде посебен простор за уметноста во нашата заедница.
Во тек се уписите на нови членови играорци, инструменталисти и пејачи, секој вторник, четврток и сабота од 19:00 часот, во големата сала при Домот на култура во село Лескоец. Членувањето во КУД „Разбој“ е бесплатно за сите кои сакаат да се приклучат. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
