Календар на МПЦ-ОА: Зачнување на Свети Јован Крстител
October 6, 2024

Охрид, 6. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ-ОА (Јулијанскиот календар), денеска е 23-ти септември, Зачнување на Свети Јован Крстител.

Иако сите христијански празници се со повеќеслојно значење, овој е еден од посебните во тој поглед. Денеска црквата ја слави милоста Божја што им даде син на старите родители на свети Јован, Захарија и Елисавета. Го слави и чудото што се зачна плод во утробата на Елисавета. Ја слави и мудроста Божја, бидејќи Јован беше оној што го истапка патот за целосното богојавување во реалната историска личност на Исус Христос.

Црквата го слави свети Јован Претеча и Крстител во неколку прилики, зашто тој е граничниот камен на Стариот и Новиот завет и, како што рековме, почеток на целосното објавување на Бога како Света Тројца на празникот Богојавление, меѓу народот познат како Водици.

Житие

Овој ден се прославува милоста, чудото и мудроста Божја; милоста кон побожните и праведни родители на Св. Јован, старецот Захарија и старицата Елисавета, коишто целиот живот посакуваа и просеа од Бога едно дете; чудото на зачнувањето на Јован во престарената уторба на Елисавета; и мудроста во домостројот на човековото спасение. Ова стана затоа што Бог имаше извонредни намери со Свети Јован: имено, тој да биде Пророк и Предвесник на Господ Исус Христос. Преку Своите ангели Бог го објави раѓањето на Исак од бездетната Сара и на Самсон од бездетниот Маној и неговата жена, и на Јован Предвесник од бездетните Захарија и Елисавета. Преку Своите ангели Бог го објавуваше раѓањето на оние со коишто имаше посебни намери. Како можеа да се родат деца од стари родители? Ако е некој љубопитен да дознае, нека не ги прашува за тоа ниту луѓето, бидејќи луѓето тоа не го знаат, ниту природните закони, бидејќи тоа е над природните закони, туку нека го управи погледот кон силата на Семоќниот Бог, Којшто од ништо го создаде сиот свет и Кој за создавањето на првиот човек, Адам, немаше потреба од никакви родители, ни стари ни млади. Наместо љубопитност да Му воздадеме пофалба на Бога, Којшто често ни ја јавува Својата моќ и милост и мудрост и покрај природните закони, во коишто оковани ние, без вонредните Божји чуда би паднале во очајание и богозаборав.

Тропар

Ти, која порано неплодна беше, сега развесели се, зашто го зачна светилото кое го најави Сонцето, Кое ќе ја прослави целата Вселена, која од слепост боледуваше. Ликувај, Захарие, смело повикувајќи: Оној што треба да се роди е пророк на Севишниот. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива