Охрид, 5. окотмври 2023 (ИНПРЕС) – Наскоро повторно ќе биде дозволен моторен сообраќај и паркирање на улица „Кеј Македонија“.
Пред хотелот „Палас“ е поставен пункт за наплата и рампа. Директорот на ЈП „Билјанини извори“ Теодор Андоноски во изјава за Супер радио и InPress вели дека ваквото сообраќајно решение е одобрено од МВР, треба уште да се инсталира системот на рампата.
– Станува збор за потегот од пресекот со улица „Македонски Просветители“ (кружна крстосница плоштад) до пресек на „Кеј Македонија“ со „Ванчо Николески“. На овој потег ќе биде дозволен сообраќај, како и паркирање. Со поставувањето на рампата всушност ќе биде затворен системот за наплата од маркет „Тинекс“, кружното и „Палас“. Сообраќајот ќе се одвива во една насока, од кружното спрема хотел „Палас“, вели Андоноски.
Инаку ваков сообраќаен режим имаше и претходно, а пред почетокот на летната сезона беше воведена забрана за секаков вид на моторен сообраќај на овој дел од улица „Кеј Македонија“ и истиот беше наменет за движење на пешаци. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес






