Охрид, 13. март 2026 (ИНПРЕС) – Иако последнава недела се бележи благо намалување на водостојот на Охридското Езеро, сепак и понатаму е над просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења, нивото е на кота од 693,69 м.н.в што е за 20 сантиметри над просечното ниво за овој месец (693,49 м.н.в) и 59 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 6,5 степени.
И додека лани во овој период нивото на водата беше блиску до дозволениот минимум, годинава ситуацијата е обратна, па езерскиот восостој е многу поблиску до максималната граница, нормативно утврдена на 693,75 метри. За потсетување, алармантна состојба со енормно висок водостој имавме во овој период во 2018 година, кога беше и до 20-на сантиметри над максимумот.
Во Охрид денес сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Максималната температура ќе се искачи до 14 степени.
– Од сабота следува период на променливо облачно време со сончеви периоди, а претежно во попладневните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Дневната температура од вторник ќе биде во опаѓање, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
