Охрид, 1. јули 2026 (ИНПРЕС) – На сила е целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште, мерка што ќе трае до 31 август.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство согласно насоките од Владата како и барањата од корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја, даде согласност за воведување ваква забрана.
Согласност се издава согласно членот 57, став 3 од Законот за шумите, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.
– Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови, соодветно за подрачјето со кои управуваат. За непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
