March 27, 2024

Охрид, 27. март 2024 (ИНПРЕС) – Чествување за ликот и делото на познатиот историчар на уметност и археолог Гоце Ангеличин-Жура, по повод пет години од неговото упокојување, ќе се одржи во петок во спомен-куќата на Христо Узунов.

Настанот е со почеток во 12:00 часот, а е во организација на д-р Гордана Ангеличин-Жура и Горан Митрески, историчар кустос, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

За ликот и делото на Гоце Жура ќе говорат археологот Паско Кузман, историчарот на уметност Јорданка Матова, директорот на НУБ „Григор Прличев“ Охрид м-р Милчо Јованоски и проф. д-р Климент Наумов, доцент при Факултетот за туризам и угостителство-Охрид.

Гоце Ангеличин Жура е основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерните цркви и монашки живеалишта во охридско-преспанскиот регион. Прв истражувач на црквите од турскиот период во поширокиот регион на Преспа и Москополе што резултира со откривање на нови ликови на Светите Климент и Наум и со тоа пополнува една огромна празнина за овој период.
Ја применил својата стручна информираност во многу јавни настапи низ аудио-визуелните медиуми и печатот, како и со соработка на дигитални проекти, со што придонел за значително поголем интерес на пошироката јавност за вредностите на средновековната уметност. Свои стручно-научни трудови има презентирано на бројни научни собири во Македонија и во странство.

Неговите истражувања резултираат со огромна фото документација, драгоцена за идните генерации и науката во целост. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и Повелбата Патрон на градот Св. Климент Охридски во 2007 година. Има напишано 20 книги и монографии и преку 50 научни трудови.

Почина на 1-ви април 2019 година во Охрид, на 68 годишна возраст. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива