Коринтскиот канал од 1-ви мај ќе биде отворен за пловидба

Коринтскиот канал од 1-ви мај ќе биде отворен за пловидба

Атина, 27. март 2024 (ИНПРЕС) – Коринтскиот канал што го одвојува Пелопонез од континентална Грција, од 1-ви мај 2024 година ќе биде достапен за пловидба во пресрет на туристичката сезона, соопштија од надлежната компанија.

Коринтскиот канал најчесто во текот на зимскиот период е затворен за пловидба и се изведуваат работи на падините на каналот за да се избегнат одрони, но и за биолошко чистење, како што беше случај во изминатите месеци, откако беше затворен по ланската туристичка сезона.

Лани каналот беше отворен од 1-ви јуни до крајот на септември.

Коринтскиот канал, изграден во периодот од 1880 до 1893 година го поврзува Коринтскиот Залив во Јонското Море со Саронскиот залив во Егејското Море и го одвојува Пелопонез од континенталниот дел на Грција.

Вкупната должина на Коринтскиот канал е 6.343 метри, длабочината е 8 метри, максималната безбедна ширина за пловидба е 24,60 метри на површината на морето и 21 метар на дното, додека, пак, максималната безбедна висина за пловидба е ограничена на 52 метри поради мостовите над каналот. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива