Скопје, 25. март 2025 (ИНПРЕС) – Денеска од болниците во Скопје на домашно лекување ќе бидат пуштени 12 од вкупно 39 пациенти кои се лекуваат во клиниките по трагичниот настан во Кочани.
Во странство продолжуваат да се лекуваат 115 пациенти, од нив во критична состојба остануваат четири до пет пациенти, а добра вест е што еден пациент во текот на денот треба да биде вратен од Белград. Тој задолжително ќе биде хоспитализиран 24 часа, откако ќе биде направена тријажа, ќе биде сместен во некоја од клиниките.
– Хоспитализирани пациенти ќе останат само на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за токсикологија, а во старата градска болница ќе останат шест пациенти, вели Таравари.
Како што најави министерот, тим од Клиниката за пластична хирургија денеска веќе е во Кочани за пациентите кои ќе бидат на домашно лекување откако ќе се вратат од клиниките, да можат да ја добијат потребната поддршка и терапија, а притоа да не патуваат.
Истовремено, рече дека веќе пристигнале понуди од неколку западноевропски земји за да ги примат потешките случаи и пациентите на кои ќе им треба подолгорочна рехабилитација. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива