Охрид, 26. март 2025 (ИНПРЕС) – Советот на Општина Охрид на денешната 55-та вонредна седница донесе одлука за одобрување на финансиска помош во износ од 1.000.000 денари за семејствата на настраданите и повредените лица во пожарот што на 16-ти март се случи во Кочани.
Во овие средства е вклучена и сумата која требаше да биде наменета за традиционалната Ифтарска вечера која поради овој трагичен настан нема да се организира оваа година.
– Во заедничка согласност со Исламската верска заедница од Охрид одлучивме тие средства да бидат пренеменети за финансиска помош за семејствата на настраданите и повредните во пожарот во Кочани. Општина Охрид ќе ја упати финансиската помош на сметката за солидарна помош при Црвениот крст на Македонија. Финансиските средства ќе бидат исплатени од Буџетот на Општина Охрид, информира градоначалникот Кирил Пецаков.
Седницата започна со едноминутно молчење во чест на загинатите лица во несреќата. Градоначалникот Пецаков во негово лично име и во име на охриѓани упати најдлабоко сочувство до семејстата на настраданите, а на повредните желба за побрзо оздравување. Пореача да бидеме сплотени и солидарни и заедно да ги надминеме последиците од оваа голема трагедија. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес