Тиват, 21. јули 2025 (ИНПРЕС) – Ана Петановска и Дадо Топиќ победија на фестивалот „Бисер на Јадранот“ во Тиват.
Една од најталентираните млади македонски пејачки и легедарниот хрватски рокер од Црна Гора се враќаат со прва награда за песната „Небо“, за која музиката ја напиша Григор Копров , текстот е на Дадо Топиќ, а аранжманот е на Стефан Петановски, братот на Ана.
– Прва награда, „Златен Бисер” на овогодинешниот „Бисер на Јадранот“ за песната „Небо” со Дадо Топиќ, емоциите се тука. Ви благодарам од срце мили луѓе, за сите коментари, желби, честитки и несебична поддршка . Огромна благодарност до фестивалот, Дадо Топиќ и Григор Копров за искрениот ветер во грб и за целиот ангажман, вели Петановска.
– Мотото на фестивалот годинава беше „Тиват го спојува регионот“ и навистина беше така, со многу мои драги колеги се дружев деновиве. Песната „Небо“ која ја пеев со Ана ми се допадна „на прва топка“, нејзиниот глас е реткост во денешно време. Без оглед на тоа колку награди сум добил, на секоја ѝ се радувам како да ми е прва, рече Топиќ.
Григор Копров и Дадо Топиќ се стари пријатели и соработници.
Во 2023 и 2024 Топиќ беше гостин на фестивалот „Охрид фест-Охридски трубадури“, чиј директор е македонскиот композитор. Лани, Топиќ во Охрид прослави 60 години кариера и ја изведе песната „Македонија“.
Годинава, „Охрид фест“ ќе се одржи на сцената на „Долни Сарај“ на 29-ти и на 30-ти август.
извор: ИнПрес фото: Зоран Радоњиќ
