Охрид, 1. август 2025 (ИНПРЕС) – По традиција, утре на празникот Илинден ќе се одржи 46. Илинденски пливачки маратон во организација на пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008″ од Oхрид.
Како и секоја година трката започнува од плажата Горица (Кај Дивоно) до кејот на Охридското Езеро (пред хотел „Нова Ривиера”). Патеката е во должина од 2,5 км.
Пријавени се вкупно 62 пливачи, 32 пливачи се во прва група а 30 пливачи во втора група, вели за Супер радио и OhridPress главниот судија на трката професорката Катерина Стојаноска.
– Пливачите се поделени во две категории и тоа 15 години и помали, но не помали од 10 години, и од 16 до 35 години. Првиот старт ќе започне во 10:00 часот (за повозрасната група учесници) додека вториот старт е од 11:00 часот (за помалата група учесници), вели Стојаноска.
Додава дека патеката ќе биде обезбедена со медицински и спасувачки екипи на Црвен Крст Охрид, а за регуларноста на трката ќе се погрижат два судиски тимови. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
