Охрид, 12. август 2025 (ИНПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро и понатаму е под просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), нивото на водата во езерото е на кота од 693,28 м.н.в што е за 18 сантиметри под просекот за овој месец (693,46 м.н.в) и 18 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 24 степени и е за половина степен повисока од просекот.
Подолг период наназад езерскиот водостој е под просечно утврдениот. Отсуството на врнежи и високите температури и во деновите што претстојат се очекува дополнително да го намалат нивото.
Во Охрид денес сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе се искачи до 35. степени.
– Под влијание на топла воздушна маса во текот на оваа седмица ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес/УХМР
