August 4, 2023

Охрид, 4. август 2023 (ИНПРЕС) – Едно од најголемите имиња во историјата на рок музиката, неповторливиот Mick Jagger неодамна го прослави својот јубилеен, осумдесетти роденден, а како подарок за фановите, Rolling Stones го претставија реизданието на познатиот албум „Forty Licks“!

Колекцијата, која опфаќа 40 од најголемите хитови во кариерата на легендарниот бенд, веќе е достапна во дигитална форма, како ограничена серија на албуми во CD формат, како и ограничен број црни винилни плочи во луксузно пакување.

Антолошкото издание вклучува нумери кои некогаш беа на врвот на музичките топ листи и поставија нови уметнички стандарди како што се „Satisfaction”, „Miss You”, „Brown Sugar”, „Paint It, Black”, „Honky Tonk Women”, „Get Off Of My Cloud” и „Angie”.

Албумот првично беше издаден во 2002 година за да ги прослави 40-те години од кариерата на култниот бенд и го означи почетокот на светската турнеја „Licks“, која се претвори во глобален спектакл со 117 концерти низ светот, што ја направи втората турнеја со најголема заработка во историјата.

Таа година, албумот беше продаден во 7 милиони копии.

извор: ИнПрес фото: архива