Охрид, 2. септември 2025 (ИНПРЕС) – Истече рокот предвиден за пријавување на независни кандидати за градоначалник и советници на престојните локални избори.
Од подрачното одделение на Државната изборна комисија (ДИК) во Охрид за Супер радио и InPress информираат дека за Охрид поднесени се една кандидатура за градоначалник и четири за советнички листи, додека за Општина Дебрца има по еден поднесок за градоначалник и совет.
Листите на кандидати за членови на советот и листата на кандидат за градоначалник на општината, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до соодветната Општинска изборна комисија (ОИК), најдоцна на 13-ти септември, до 24:00 часот, односно 35 дена пред денот на одржување на изборите.
ОИК / ИКГС по потврдување, листите на кандидат/и ги доставува до ДИК заради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидат/и согласно член 68 ставовите (1) и (2) од Изборниот законик, веднаш по потврдувањето на листите односно најдоцна на 20-ти септември.
Инаку во тек е увидот во Избирачкиот список, што ќе трае до 11-ти септември на полноќ, а заклучениот список ќе биде потпишан од Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 3-ти октомври.
Граѓаните ќе имаат можност да ги проверат своите податоци и да поднесат барање за запишување, дополнување или нивно бришење. Барањата се поднесуваат писмено до подрачните одделенија или месните канцеларии на ДИК, како и по електронска пошта. Со барањето, задолжително треба да се приложат и потребните докази. Можност за увид во списокот имаат и лицата во притвор и затвор, кои своите барања ги поднесуваат преку надлежниот орган за извршување на санкциите до ДИК. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
