Сини вирој Белчишко блато Општина Дебрца
Дебрца, 8. април 2026 (ИНПРЕС) – Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Општина Дебрца, одржа јавната расправа за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата.
Ова е значаен чекор во процесот на институционална заштита на едно од посебно вредните природни подрачја во државата, преку утврдување на категоријата на заштита, границите и зоните на идниот парк на природа.
Во рамки на расправата беа презентирани природните вредности на Белчишко Блато, предложената категоризација на заштита, како и предлог-границите и зоните, додека претставници од МЖСПП ја образложија постапката за прогласување на подрачјето и содржината на Нацрт-законот. Претставникот од Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“, Ѓоко Зоровски, ги презентираше природните вредности и значењето на подрачјето од аспект на биодиверзитетот и неговата заштита.
Беше отворена дискусија со сите засегнати страни, со цел прибирање на мислења, коментари и предлози што ќе придонесат кон квалитетно финализирање на законското решение.
Овој процес е дел од пошироките напори на државата за усогласување со европското законодавство во областа на заштита на природата, вклучително и принципите на Natura 2000 мрежата, како и со целите на Зелената агенда за Западен Балкан, која ја става заштитата на биодиверзитетот, екосистемските услуги и одржливото управување со природните ресурси во фокусот на регионалниот развој.
Коментари и сугестии по Нацрт-законот може да се достават во рок од 15 дена по одржување на јавната расправа. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
