ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“
Охрид, 9. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за локална самоуправа (МЛС) денеска во Охрид ќе ги презентира резултатите на инфраструктурната поддршка насочена кон унапредување на здравствените услуги и здравствениот туризам.
Презентацијата го опфаќа опремувањето на современиот центар за физикална терапија во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и реконструкцијата во ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ Охрид, достигнувања овозможени во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, кои ги реализираше Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија. Ќе се одржи денеска, 9-ти октомври 2024 година, во 12:00 часот, во болницата „Св. Еразмо“, а во 13:20 часот ќе се посети објектот на специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид.
На настанот ќе присуствуваат градоначалникот на Општина Охрид, д-р Кирил Пецаков, директорите на установите, д-р Харалампие Шокароски и д-р Билјана Теговска, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман и директорот на Центарот за развој на Југозападен плански регион, Ваљон Каба. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
