Аеродром Охрид „Св. Апостол Павле“
Охрид, 10. март 2026 (ИНПРЕС) – Од 17-ти март започнува директната авиолинија Братислава – Охрид.
Ќе ја одржува авиокомпанијата WizzAir, а ќе се лета три пати неделно.
– Директната врска отвора нови можности за туристите од Македонија кои поудобно ќе можат да ги посетат Братислава и Словачка – да ги запознаат нејзините историски градови, природа, култура и гастрономија. Воедно новата линија ќе им овозможи на посетителите на Словачка да ги откријат убавините на Охрид и неговото уникатно езеро, кое е едно од најзначајните природни и културни богатства. Отворањето на врските е уште еден чекор кон зајакнување на контактите меѓу нашите земји. Веруваме дека тоа ќе придонесе за понатамошен развој на соработката и пријателските односи, велат од Амбасадата на Словачка во земјава.
Согласно зимскиот ред на летање на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ се лета до 5 дестинации (Цирих, Базел, Дортмунд, Виена, Меминген) со 3 авиокомпании.
Во периодот што следи нѐ очекува проширување на листата дестинации со кои Охрид ќе биде авионски поврзан. Од Охрид ќе се лета до Милано, почнувајќи од 30 март со компанијата Wizz Air. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице. Предвидени се по два летови неделно за секоја дестинација. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
