Охрид, 5. август 2025 (ИНПРЕС) – Во сабота, 9-ти август на празникот „Св. Климент Летен“, во 12:00 часот во Куќата на Уранија на МАНУ ќе биде доделена Светската награда за хуманизам за 2025 година на Светлана Мојсов, истакнат научник од областа на биохемијата и ендокринологијата, родена во Скопје, а денес професор на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк, САД.
Наградата и’ се доделува за нејзиниот придонес во современата медицинска наука, особено за нејзините структурални биохемиски откритија и ендокринолошки достигнувања во развивањето на ефективни лекарства за справување со дијабетесот и дебелината, како и за ублажување на асоцијативни форми на патологии.
Со оваа награда Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани
Свеченоста ќе започне со поздравно обраќање на Претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, а наградата на добитникот Светлана Мојсов ќе и ја врачи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Потоа, по беседата на Амбасадорот Плевнеш за исклучителното хуманистичко дело на проф. Мојсов, лауреатот ќе ја изговори својата свечена беседа на благодарност.
– За мене претставува голема чест што сум добитник на наградата на Охридската академија на хуманизмот. За мене оваа награда има и емотивен контекст, имајќи го предвид моето македонско потекло, а воедно што ќе се приклучам кон меѓународната плејада истакнати добитници од минатото, кои создадоа од оваа награда признание со кое се гледа со огромен респект насекаде во светот, истакнува Светлана Мојсов во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш.
Светлана Мојсов е деветнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда,Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива







