Радески: Чест и задоволство е да се биде домаќин на Меѓународниот натпревар GATUS 2023, каде сме постигнувале забележителни успеси

Охрид, 27. септември 2023 (ИНПРЕС) – Од утре до недела Охрид и Регионалниот центар за средно стручно образование и обука (РЦСОО) „Ванчо Питошески“ се домаќини на 11. Меѓународен натпревар на ученици од угостителски и туристички училишта – GATUS 2023.

Директорот на училиштето Марјан Радески во изјава за Супер радио и InPress изрази огромна чест и задоволство што ќе бидеме домаќини на овој значаен натпревар. Во Охрид доаѓаат учесници од 15 училишта од земјите од поранешна Југославија, кои ќе се натпреваруваат во дисциплините готварство, угостителско послужување и подготовка на туристички аранжман, со посебен акцент на планинскиот, рурален туризам.

– Имаме учесници од Марибор, Ново Место и Радовљица (Словенија), Опатија, Осиек и Сплит (Хрватска), Бања Лука и Приедор (Босна и Херцеговина – Република Српска), Белград, Смедерево и Лесковац (Србија), Бар и Херцег Нови (Црна Гора) и Охрид и Македонски Брод (Република Македонија).
Ќе се натпреваруваат околу 200 учесници, во хотелите „Метропол“ и „Белви“, каде ќе бидат и сместени, а ќе се натпреватуваат во дисциплините: готварство, угостителско послужување и подготовка на туристички аранжман, со посебен акцент на планинскиот, рурален туризам. На најдобрите и највештите учесници – ученици и ментори, ќе им бидат доделени признанија за постигнатиот успех, вели Радески.

Нема опис за фотографијата.

Тој додава дека покрај официјалниот, натпреварувачки дел, за учесниците е предвидено организирано разгледување на најзначајните споменици на историјата и културата во старото градско јадро, манастирскиот комплекс „Свети Наум“ и локалитетот „Залив на коските“.

Радески потенцира дека ученици и нивни ментори од нашето училиште се редовни учесници на GATUS и постигнуваат забележителни успеси. Така од минатогодишното издание што се одржа во Словенија се вратија со два сребрени и еден бронзен медал. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива