Охрид, 15. јануари 2026 (ИНПРЕС) – Во сите парохиски цркви во Охрид тече пријавувањето на капачите кои сакаат да бидат дел од најмасовната културно-верска манифестација кај нас, одбележувањето на празникот Богојавление – Водици.
Во недела, 18-ти јануари од 19:00 до 23:00 часот на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“, а екипи на Црвен крст Охрид ќе се задолжени и за безбедноста на капачите и присутните на денот на празникот.
Деновиве централното градско подрачје и крајбрежјето треба да блеснат во празничен декор, а за чистотата на езерското дно ќе се погрижат нуркачите од двата охридски нуркачки клубови, „Амфора“ и „Охрид“.
Централните празнувања се во понеделник, на 19-ти јануари. Започнуваат во раните утрински часови со свети и празнични литургии во сите парохиски цркви, по што трите литии од црквите Св. Богородица- Каменско, Св. Георгиј – Горна Влашка Мала и Св. Никола – Геракомија ќе се упатат кон градското пристаниште. Чинот на полагањето на Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде во 10:00 часот од Колцето на пристаниште, а ќе го изврши Митрополитот Дебарско – кичевски г. Георгиј.
По осветувањето на езерските води напладне кај месноста Сараиште ќе биде организирано групно крштевање, а во истиот термин на плоштадот „Св. Климент Охридски“ ќе настапат Елена Велевска и Елена Андоноска. Во периодот од 09:00 до 15:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се реализира традиционалната крводарителска акција „Водици 2026“ под мотото „Една капка може да промени сè“, во организација на Црвен крст Охрид.
Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид, ќе продолжат и на 20-ти јануари со Денот на рибарите и празникот Свети Јован Крстител. На Сараитше ќе има заедничко капење и настап охридскиот музички еснаф. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
