ИЈЗ: 30,4% од децата на возраст 6-9 години во Македонија живеат со вишок на килограми
March 4, 2025

Скопје, 4. март 2025 (ИНПРЕС) – Во Република Македонија, како и ширум светот, се соочуваме со сè поголеми стапки на дебелина. Податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека 30,4% од децата на возраст 6-9 години живеат со вишок на килограми.

Од нив, 13,8% живеат со дебелина, а 4,4% со екстремна дебелина. Меѓутоа, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни.

Дебелината претставува глобален предизвик кој ги погодува сите слоеви на општеството, без разлика на полот, возраста, социјалниот статус или населеното место. Таа е последица на неуспешни системи во различни области: системи за храна, урбано планирање, пазарот на труд, економијата и здравствените системи. Проблемот со дебелината не произлегува само од лоши избори, туку и од системи кои ја поттикнуваат нездравата исхрана, слабата физичка активност и неадекватната здравствена грижа.

– Во Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност. Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики, велат од ИЈЗ.

Решавањето на проблемот со дебелината бара поширок и посуштински пристап. Потребно е да се работи на промена на системите за храна преку воведување ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои ја поттикнуваат дебелината. Истовремено, здравствениот систем во Македонија треба да биде подготвен за грижа на лицата со дебелина, со интегрирани програми за превенција и третман вклучени во здравствените пакети. Локалната самоуправа има клучна улога во создавањето на услови кои ќе овозможат поголема физичка активност и здрави навики.

Од Институтот посочуваат дека е важно дебелината да се препознае како болест и да се интегрира во здравствените системи како основен приоритет за превенција и третман.

Оттаму, денес, на Светскиот ден на дебелината, ги повикуваат донесувачите на одлуки да дејствуваат брзо и ефективно за промената на системите што ја предизвикуваат оваа здравствена и општествена криза. Без комплексен и системски пристап, проблемот со дебелината ќе продолжи да расте, создавајќи огромен товар на здравствениот систем и општеството. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива