Нова книга на Иван Џепаровски „Дискурси на визуелното“

Скопје, 18. ноември 2014 (ИНПРЕС) – Монографијата „Дискурси на визуелното“ на нашиот еминентен филозоф и естетичар проф. д-р Иван Џепароски, раководител на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје,  што деновиве ја објави „Матица македонска“ е прва наша книга во целина посветена на прашањата на визуелното и на визуелните уметности од гледна точка на филозофијата и на естетиката.

Со над сто и десет црно-бели репродукции и над шеесет колор репредукции во оваа книга, во првиот нејзин носечки дел, се анализираат теориските прашањата врзани за односите помеѓу „убавината и визуелната убавина“, „уметноста и визуелните уметности“, но и прашањата за „калокагатија“ („добрината и убавината“), естетското задоволство и естетското искуство, како и прашањата врзани за вкусот и за визуелното.

Во вториот дел од книгата практично се спроведуваат неколку херменевтичко-иконолошки анализи на клучни дела од областа на европската ликовна историја (Питер Бројгел Постариот, Винсент Ван Гог, Марк Шагал), а третото поглавје, исто така, е посветено на соодветни анализи во контекст на македонската ликовна сцена (Томо Владимирски, Свето Манев, Газанфер Бајрам, Рубенс Корубин и Мирчо Матевски-Рисимкин).  (Крај)

извор: Инпрес фото: архива